Со пригодна свеченост, денеска гимназијата „Миле Јаневски Џингар“ го одбележа својот патронен празник.
Одбележувањето на патронот започна пред споменикот на Миле Јаневски Џингар во Паркот на борците, каде делегација од Општина Македонска Каменица предводена од градоначалникот Соња Стаменкова, членови на фамилијата Јаневски, делегација од СОУ „Миле Јаневски Џингар“ предводена од директорот, Круме Стојановски, како и делегации од Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, Генералштаб на Армијата, Организацијата на резервни офицери, останати претставници од локални, порачни и регионални институции се поклонија и положија свежо цвеќе.
Културно-уметничката програма по повод патрониот празник започна со рецитирање на повеќе тематски поеми подготвени од учениците во средношколскиот центар. Беа рганизирани и ликовни изложби, како и изложба на модни креации подготвени од учениците од текстилната насока.
Во своето свечено обраќање пред присутните обраќање градоначалничката Стаменкова, потсети на улогата и значењето на ликот и делото на патронот Миле Јаневски Џингар: Одбележувањето на партониот празник на нашето училиште е посебен ден за сите нас, ден полн со емоции, ден кога градот го слави името на нашиот великан Миле Јаневски Џингар. Постхумно одликуван со медал за храброст од Претседателот на државата, во служба на Армијата на Република Македонија, Миле Јаневски Џингар го положи својот живот за одбрана на територијалниот интегритет на татковината.
Стаменкова, во својот говор упати порака до професорите, учениците, младите од Македонска Каменица и присутните граѓани: Денес, стоиме исправени пред неговиот споменикот на Миле Јаневски Џингар, обврзани да го продолжиме патот на создавање на сигурна и безбедна иднина на младите генерации. Обврзани да го издигнеме образовниот процес на повисоко ниво, како наш врвен приоритет. Нашиот пат е посветен на младите луѓе, отворање перспективи, нови визии, восприемање на европските вредности и нивна подготовка за пазарот на трудот. Со директорот на гимназијата изминатиов период, покрај осовременување на условите за работа во училиштето, работевме и да го одржиме приматот за една од најдобрите гимназии во регионот. Всушност, тоа го зборуваат и постигнатите резултати од нашите ученици на регионалните, општинските и државните натпревари со кои сите се гордееме. Тоа се генерациите кои ќе го продолжат ликот и делото на Миле Јаневски Џингар, идни градители на Македонска Каменица. Упатувам силна порака до нив, да бидат генерации кои ќе го продолжат создавањето на посветла идина и заеднички да го чуваме и градиме мирот во државата.
Директорот на СОУ „Миле Јаневски Џингар“, Круме Стојановски им посака добредојде на присутните на свеченоста по повод одбележувањето на патрониот празник на уличиштето со зборовите: Денес е посебен ден за сите нас, ден во кој со потсетуваме на нашиот сограѓанин Миле Јаневски Џингар, кој во 2001 го даде својот живот за татковината. Денес, нашето училиште гордо го носи неговото име, потврда за тоа се посветеноста на професорите во подобрување на квалитетот на образованието и бројните награди и признанија на учениците стекнати на државни натпревари.
Одбележувањето на патрониот празник продолжи со дневен меморијален турнир во чест на Миле Јаневски Џингар, неколку методско-показни вежби, изведени во чест нана Миле Јаневски од страна на неговите колеги, припадници на БСН „Волци“.
Миле Јаневски Џингар беше припадник на Баталјонот за специјални намени „Волци“, а загина во војната од 2001 година, во заседа кај Вејце. Средното општинско училиште во Македонска Каменица го носи неговото име.